Телефонски Број: +389 2255 1068

Електронски и Електричен Отпад

Општи информации

Во категоријата електронски отпад спаѓаат сите видови компјутери и компјутерска опрема (тастатури, глувчиња), монитори, принтери, кертриџи, тонери, скенери, мобилни телефони, фотоапарати, телевизори, видео и аудио уреди и сл.

За електричен отпад се сметаат сите поголеми уреди односно фрижидери, шпорети, машини за перење и сушење, бојлери, клима уреди и останати уреди за домаќинство. Во оваа категорија се вклучени и склопки и составни делови од машини кои што настануваат во индустријата.

Електричната и електронската опрема од која што физичките и правните лица сакаат да се ослободат поради тоа што е нефункционална или застарена се смета за отпад и треба да се предаде на овластен рециклатор.

Поради брзиот технолошки развој и краткиот животен век на уредите, во последните години електронскиот и електричниот отпад преставуваат голем процент од вкупниот отпад на светско ниво. Поради тоа, исклучително важно е како се постапува со него.
Голем дел од електронските и електричните уреди содржат опасни материи како жива, фреон, и арсен кои се штетни за животната средина (вода, почва, воздух) кои што директно влијаат на човековото здравје и здравјето на животните.

Со цел да се намали ризикот од загадување на животната средина и да се елиминираат негативните ефекти врз нашето здравје, електронските и електричните уреди треба соодветно да се рециклираат односно да не се фрлаат со комуналниот отпад, туку да се предадат на фирма овластена за рециклирање на ЕЕ-отпад. Екоцентар 97 ќе се погрижи Вашата опрема да биде правилно сортирана и рециклирана, а со тоа вашиот стар и нефункционален уред да биде извор за нов ресурс во иднината.


Правни субјекти

Со донесувањето на "Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема", правните лица имаат законска обврска отпадната електрична и електронска опрема да ја предадат во овластена компанија (рециклатор) која понатаму ќе постапи согласно позитивните законски прописи и правилници. Екоцентар 97 има специјализирани возила со кои ја подигнува ваквата отпадна опрема од компаниите, за која што издава соодветна документација која што е доказ за понатамошниот третман на отпадната опрема, и тоа: товарен лист, идентификационен формулар, транспортен формулар, изјава од службен весник, приемница и кантарска белешка. Оваа услуга се извршува бесплатно согласно законските прописи и без право на побарување на надоместок за отпадната опрема.


Физички лица

Физичките лица односно домаќинствата се корисници на најголем процент на електрична и електронската опрема, а тоа значи дека овој сектор во општеството го генерира и најголемиот процент на отпадната електрична и електронска опрема.

Многу домаќинства во своите домови складираат нефункционална отпадна електрична и електронска опрема, не знаејќи дека таа има негативен ефект врз нивното здравје. Голем дел од таа опрема во себе содржи жива, фреон, течни отровни кристали, жива итн. Овој вид на отпад е токсично наследство на нашата дигитална ера и многу брзо успева да ја загади водата, почвата, воздухот...

Според Законот за Управување со Електронски Отпад, физичките лица не смеат да ги фрлаат старите електронски уреди заедно со останатиот комунален отпад, туку треба да ги остават на соодветни локации обележани за ее-отпад. Овие корпи за одлагање на електронски отпад најчесто ги има на места каде што се продава електрична и електронска опрема. Доколку се работи за количина поголема од 200 кг или 10 големи уреди, Екоцентар 97 врши преземање на ее–отпадот од Вашата локација.

Доколку сакате да го преземеме Вашиот електронски отпад од Вашата локација, Ве молиме пополнете го овој формулар.

ПРИЈАВЕТЕ СЕ ДА ГИ СЛЕДИТЕ НАШИТЕ НОВОСТИ!

dev